1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киев: Русија да си чисти во својот двор

ЖА/дпа/миа/макфакс/агп/ртре31 март 2014

Киев го отфрли барањето на Москва за федерализација на Украина. Рускиот премиер Медведев беше во посета на Крим. Руската војска се повлекува од украинската граница, а НАТО не планира да нови бази во Источна Европа.

https://p.dw.com/p/1BZE5
Фотографија: Sergei Supinsky/AFP/Getty Images

Украинската влада остро го отфрли барањето на Москва за федерализација на Украина. Русија треба да си чисти пред својата врата, на Русија ни на крај памет не и‘ е да им даде поголеми права на членките на Руската Федерација или да признае и други јазици за официјални, изјави украинскиот министер за надворешни работи како реакција на предлогот на неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Нема никакви претпоставки за федерализацијата на Украина, потенцираше претходно и украинскиот претседател Олександар Турчинов за време на вежба на Националната гарда. Тој истовремено нагласи оти е потребно да им се дадат повеќе права на украинските региони.

„Областите треба да функционираат ефикасно, самостојно да ги назначуваат извршните комитети и да имаат финансиска сигурност за извршување на своите надлежности во рамки на единствената држава“, додаде Турчинов.

Киев со критики за посетата на Медведев на Крим

Денешната неочекувана посета на рускиот премиер Дмитри Медведев на Крим, Украина ја оцени како грубо кршење на меѓународните правила на однесување.

„Украинското Министерство за надворешни работи во нотата до Руската Федерација изразува категоричен протест и го формулира ставот, дека посетата на еден официјален претставник на територија на друга земја без претходна нејзина согласност, е грубо поткопување на правилата на меѓународната заедница“, истакна портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Евхен Перебијнис.

Медведев при посетата на Крим најавил дека Русија ќе му даде статус на специјална економска зона со голем број олеснувања и упростена бирократија со цел да привлече инвеститори.

„Нашата цел е овој полуостров да биде што попривлечен за инвеститори со што би се обезбедиле доволно приходи Република Крим сама да го финансира својот развој“, рекол Медведев на седница на владата за специјалниот и економски развој на Крим и Севастопол.

Крим беше примен во составот на Русија на основа на спроведен референдум на кој на 16 март граѓаните се изјаснија позитивно за ваквата одлука, а на 21-ви март рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша закон за пристапување на Крим и Севастопол кон Руската Федерација.

Premierminister Medwedew zu Besuch auf der Krim
Дмитри Медведев на КримФотографија: Reuters

Киев: Русите ја повлекуваат војската од границата со Украина

Во меѓувреме од Министерството за одбрана на Украина е соопштено дека Русија „постепено ги повлекува“ војниците од границата со Украина, како што изјавил неговиот портпарол Олексиј Дмитрашкивски, кој наведува дека тоа можеби е поврзано со преговорите меѓу Русија и САД во Париз.

Претседателот на украинскиот Совет за национална безбедност, Андриј Парубиј, во четвртокот изјави дека Москва натрупала 100 илјади војници по должината на границата со Украина, информација што Москва ја демантираше.

Американските проценки беа дека Русија има распоредено околу 20 илјади руски војници на границата со Украина, а повлекувањето на војската САД го поставиле како предуслов за излез од кризата што во неделата во Париз повторно го повтори американскиот државен секретар Џон Кери по средбата со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Кери и Лавров разговарале околу четири часа во резиденцијата на амбасадорот на Русија во Париз и се обиделе да изнајдат решение за украинската криза, како и на судирот на Москва со западните земји по припојувањето на Крим кон Русија.

Лавров во саботата истакна дека Москва „нема ниту намери, ниту интерес“ да ја премине границата со Украина.

НАТО не планира да создава нови бази во Источна Европа поради кризата во Украина

НАТО не планира да распоредува нови воени бази во Источна Европа поради кризата во Украина. Тоа го изјавил висок дипломатски извор кој побара анонимност од седиштето на Алијансата во пресрет на министерската средба на НАТО на 1 и 2 април.

„НАТО не планира да создава нови постојани воени бази во Источна Европа. Уште во почетокот на процесот на проширување на Алијансата во 1999 година донесовме таква одлука и имаме намера да ја следиме“, рекол изворот. Дипломатот истакнал дека Алијансата планира времено да го зајакне присуството во источноевропските членки, кои сега се загрижени од ситуацијата со украинската криза.