1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква вода се пие во Македонија?

Милчо Јованоски18 мај 2014

Водата за пиење генерално ги задоволува стандардите. Има места без водовод,со бунари и вода без хлор. Во Гевгелија во водата има поголема концентрација на арсен. Граѓаните реагираат, а надлежните бараат решение.

https://p.dw.com/p/1C1vq
Фотографија: cirquedesprit/Fotolia

Анализите за водоснабдувањето во Македонија покажуваат дека санитарно-хигиенската состојба на објектите за водоснабдување и здравствената исправност на анализираните примероци вода, споредено со претходните години, генерално задоволува. Со анализата биле опфатени 1.290.000 жители. Во лабораториите на десетте Центри за јавно здравје, лани биле испитани 7.364 примероци за основна бактериолошка и физичко-хемиска анализа, велат од Институтот за јавно здравје во Скопје. Податоците од 2013. за селата укажуваат дека од нив на градските водоводни системи се приклучени близу 200.000 жители, над 450.000 жители се снабдуваат со вода за пиење од водоводи кои користат сопствени извори и сами стопанисуваат со објектите, а 120.000 жители по селата пијат вода од бунари, пумпи, чешми и кладенци. Токму овој начин на водоснабдување е епидемиолошки несигурен поради високиот процент на бактериолошки загадени води за пиење дури во 41% од анализираните примероци. Според Годишниот извештај на Институтот за јавно здравје во водоснабдувањето во континуитет се провлекуваат пропусти од типот на недефинирани заштитни зони околу извориштата на вода, непостоење на соодветна опрема за пречистување и дезинфекција на водата и несоодветно стручно одржување.

Symbolbild verschmutztes Wasser - verseuchtes Wasser
Фотографија: Fotolia/Schlierner

Во 21 век има места без водовод и вода за пиење

Македонија и во овој поглед е земја на контрасти, некои ја имаат и трошат без мерка, други не знаат како тече вода од чешма. „Има помали населени места и места кои се пред згаснување поради иселување кои и сега се без водовод и здрава вода за пиење. Има општини кои изградиле јавни водоводи или се во фаза да направат такви проекти, меѓутоа населението не ги прифаќа, не сака да ја плаќа водата бидејќи имаат бунари во дворовите и на сопствен ризик ги корист со децении. Такви случаи се забележани во Кратовско, Македонска Каменица,“ вели за Дојче веле Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството за животна средина.

Подземниот катастар ќе каже – каде има цевки од азбест?!

Освен квалитетна вода како примарен ресурс важно е низ какви системи таа поминува пред да се употреби. Во Македонија се прави подземен катастар во кој клучни се водоводните инсталации и тој ќе биде од помош. Одредени градови направија делумна замена на цевките од азбест. Меѓу нив Охрид и Прилеп. Азбестот е исклучително опасен доколку дојде до негово кршење и се најде во воздухот и штетен е ако влезе во белите дробови. Но во дигестивниот тракт не предизвикува штети по здравјето, смирува Лепиткова и додава: „Постојат современи и посигурни материјали и би била среќна доколку водоводите во иднина ги градиме со инокс на пример. Тие материјали делуваат скапи, но подоцна се поисплатливи, долготрајни и сигурни по здравјето на граѓаните. Има многу кредитни линии и ги охрабрувам градоначалниците да им дадат приоритет на ваквите проекти кои се финансираат преку Министерството за транспорт и врски.“

Wasserversorgung in Mazedonien
Фотографија: DW/A.Dimitrievska

Зголемено ниво на арсен во водата за пиење во Гевгелија?!

Поради континуиран зголемен процент на арсен во водата за пиење во Гевгелија, Агенцијата за храна и вода објави забрана за нејзино користење. Според Светската здравствена организација и македонскиот Правилник концентрацијата на арсен во еден литар вода не смее да е поголема од 10 микрограми, а во Гевгелија стигнал и до 14,8 микрограми. Јованка Дојранлиева – член на Граѓанската иницијатива „Граѓаните и АРСЕНА“, вели : „Дваесет месеци и по забраната, во Гевгелија се пие вода збогатена со арсен кој убива, тивко. Пред три месеци јавно побаравме Општината да ја намали цената на водата од градскиот водовод и граѓаните да ја плаќаат како техничка вода и да обезбеди субвениции за набавка на флаширана вода за домаќинствата. Одговор од локалната и јавното комунално претпријатие немаме. Ако треба ќе доставиме и конкретна иницијатива до Советот на Општината“, вели Дојранлиева.

Gevgelija in Mazedonien
ГевгелијаФотографија: Petar Stojanovski

Преку нови извори и бунари – решение за проблемот

Деарсенизацијата за Општината е скап процес и потврдуваат дека арсенот е присутен во водата со години, но дека проблемот настанал откако се смениле стандардите. „Околу Гевгелија има карпи кои содржат арсен. Близината на рудникот Алшар, рудниците кои допрва ќе се истражуваат изобилуваат со полиметали од типот на бакар, злато и арсен врзан со нив. За време на слаба хидролошка активност доаѓа до зголемување на нивото на арсен во водата. Сакаме Гевгелија да пие квалитетна вода. Концентрациите што се присутни во одредени моменти не се така загрижувачки. Но арсенот не треба да го има тоа е факт. Од тие причини Министерството за животна средина и Комитетот за здравје и Министерството за транспорт и врски влегоа во еден проект на потрага на бунари коишто ќе бидат во функција да го снабдат населението на Гевгелија со подземни води. Издашниот бунар е веќе направен се чекаше да поминат изборите и треба да се објави повикот за изградба на два или три бунари од така виканиот систем на батерии кои ќе пумпаат квалитетна подземна вода. Анализите кои ги направивме ни даваат за право да кажам дека ќе го решиме проблемот и во Гевгелија наскоро ќе пијат квалитетна и здрава вода, заклучува Лепиткова. Од „Арсена“ не попуштаат сметаат дека потрагата по нови бунари е прикриено признание дека арсенот го има континуирано и спасот од него се час поскоро нови извори на вода.