1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Казна од 13 милијарди долари за ЏП Морган

ЕМФ/дв/макфакс20 октомври 2013

За да избегне натамошна истрага, големата американска банка ЏП Морган изрази подготвеност да плати казна од цели 13 милијарди долари. Тоа е досега највисок износ кој бил резултат на договор на две страни на Вол Стрит.

https://p.dw.com/p/1A2mR
Фотографија: Robyn Beck/AFP/GettyImages

Големата американска банка ЏП Морган има намера со плаќањето на 13 милијарди долари да стави црта под истрагата во врска со голем број спорни хипотекарни зделки. Прелиминарна согласност за овој износ банката постигна со Министерството за правда во Вашингтон, известија „Њујорк Тајмс“ и агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на извори запознати со текот на преговорите. Притоа, казната изнесува 9 милијарди доалри, додека четири милијарди долари би требало да добијат оштетените сопственици на недвижности.

Преговорите во коишто покрај банката и американското министерство за правда, учествуваат и Комисијата за хартии од вредност и берзи, секторот за домување и урбан развој на САД и јавниот обвинител на сојузната држава Њујорк, имаа цел да ги решат обвинувањата против ЏП Морган за нејзините активности во текот на кризата во 2008 година. Според американските власти, банката продавала преку своите компании ќерки „Bear Stearns“ и „Washington Mutual“ проблематични хипотекарни обврзници, предизвикувајќи во периодот на глобалната финансиска криза големи загуби за купувачите.

Банката ЏП Морган е основана во 1799. година и е еден од светските лидери во сферата на обезбедувањето инвестициски банкарски услуги и управувањето со средства на доверителите. Таа е активна во повеќе од 60 земји во светот.