1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменична треска во Софија

Николај Цеков/Б. Георгиевски9 јуни 2015

Дали Софија тргнува по стапките на Скопје? Во бугарскиот главен град зачестено се откриваат споменици на историски личности. Експертите велат дека спомениците се злоупотребуваат.

https://p.dw.com/p/1Fdpc
Фотографија: BGNES

Дали лошиот вкус и злоупотребата на историјата кои се случуваат во Македонија се корисни политички алатки и дали истите не стануваат „зараза“ и за околните држави? Барем на прв поглед „споменичната треска“ во Бугарија нема ништо заедничко со безумието кое се случува крај Вардар и не е одговор на случувањата во Скопје. Дел од бугарските историчари сметаат дека нема ништо лошо во изградбата на нови споменици, дотолку повеќе што, според нив, Софија е окупирана од споменици на туѓи армии и владетели. Историчарот Пламен Цветков како такви ги посочува спомениците на рускиот император и на советската армија кои се наоѓаат директно пред зградата на парламентот.

„Сметам дека изградбата на споменици на бугарски владетели е едно задоцнето извинување кон бугарштината и начин за редуцирање на искомплексираноста на Бугарите кон историјата“, вели Цветков.

Бугарскиот историчар ги повикува своите сонародници да не се потсмеваат на „Дизнилендот“ во центарот на Скопје и на апсурдите како што е споменикот на Гоце Делчев на коњ, иако е познато дека тој воопшто не знаел да јава. „Како да се потсмеваме на тоа кога нашата држава и натаму е посеана со огромни, грозни и апсурдни споменици на сомнителни херои- црвеноармејци или комунистички партизани“, вели Цветков.

Скулпторот Величко Минеков открива и други причини за растечкиот интерес за градење споменици во двете соседни балкански држави. „Во спомениците нема ништо лошо, се‘ додека тие им одговараат на духовните потреби на општеството кое треба да ги избере најдобрите проекти. Проблемите започнуваат тогаш кога спомениците се злоупотребуваат како наркотик за бегство од несреќното секојдневие кон грандиозноста на една преувеличена или всушност измислена историја. Можеби ќе звучи конспиративно, но во таа смислам гледам одредена логика меѓу случувањата во Скопје и во Софија“, објаснува Минеков.

Bulgarien Sofia Enthüllung Denkmal von König Samuil
Споменикот на цар Самоил во СофијаФотографија: BGNES

Одлуки на тесен круг

Има една важна разлика меѓу двата проекта- властите во Скопје трошат пари на даночните обврзници, додека во Софија финансирањето на спомениците е дело на донатори. „Но и во двата случаи сведоци сме на пројави на една чисто балканска карактеристика во однос на производството на споменици- решенијата за нив се носат од тесен круг луѓе. Нема дискусии во општеството, нема комисии на архитекти, историчари и социолози кои треба да ја проценат потребата и автентичноста на проектите“, вели Минеков. Во Скопје, тој бил сведок на корупциската шема при реализацијата на проектот „Скопје 2014“, додека во Софија проблематични се мотивите на општинската администрација.

Недостатокот на транспарентност и на општествена поддршка доведе до изградба на монументални недоразбирања во земји како Турција, Либан и Сирија. „Сето тоа е многу карактеристично за неслободни општества со мала граѓанска контрола врз врвот на власта“, вели Минеков. Според него, суштински недостаток на бугарската монументалистика е неусогласеноста на спомениците на историските личности со фактите за тие луѓе, настани и времињата во кои живееле. „Насекаде гледаме жестоки и безмилосни лица кои мавтаат со копја, мечеви и пиштоли. Прошетајте низ големите европски градови, па дури и низ подалечните метрополи како Сеул и уживајте во духот, спокојството и ведрината кои дишат од старите и новите скулптури“, вели познатиот бугарски скулптор.