1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламистичката пропаганда на интернет - пожар кој се шири

Јирген Стријак (ард)/ А.Трајковска24 ноември 2014

Никогаш досега пропаганда на една терористичка група на интернет не била толку успешна, како онаа на ИД. Дотолку зачудувачки е што страниците се достапни, иако се најавува борба против терористичките милиции на интернет.

https://p.dw.com/p/1Ds4k
Фотографија: picture alliance/abaca

Девет млади мажи стојат во круг. Тие се колнат дека ќе и бидат верни на Исламската држава. Нивните раце се допираат на средина, тие носат црни борбени униформи и оружје, лицата им се покриени.

Оваа сцена е едно од пропагандните видеа на терористичката група. Спектаклот се прикажува во HD-квалитет. Снимките дигитално се дообработени: понекогаш се изворедно остри и полни со контрас, потоа се послаби со бои како од модни магазини. Чиста бунтовничка романтика. Толку многу ефекти вообичаено се презентираат само во музичките спотови и холивудските филмови. Многу од видеата на ИД имаа зачудувачки технички квалитет.

„Организацијата секогаш била многу професионална во медиумското претставување. Тоа сигурно е една од причините за тоа зошто повеќето странци од 2013 година одат во ИД, а не во другите групации“, вели експертот за ислам Гидо Штајнберг. Авторот на книгата „Германските борци на Ал Каеда“ смета дека ИД своите приврзаници ги регрутира пред сѐ преку лични контакти. При радикализацијата, интернетот играл сѐ поважна улога. „Постои цезура, кој се случи во 2011 година. Оттогаш доминираат така наречените социјални медиуми, и тие се предност за терористичките организации, оти многу потешко се контролираат.“

На социјалните медиуми во меѓувреме видеата на ИД и линковите релативно брзо се отстрануваат од страна на управителите со мрежите. Но, на други интернет страници пропагандата продолжува.

Една особено опсежна страница делува како онлајн-главно седиште на ИД. Илјадници подстранции - понекогаш се актуелизираат секоја минута - содржат пропагандни писма, аудио-пораки, фотографии и видеа - со реални насилни сцени, кои понекогаш се инсценирани театрално и имаат превод на англиски јазик. Секоја ИД- провинција има сопствен дел со локални вести.

Мора да се знае арапски јазик, за да може да се снајдете на порталот. Линковите за видеата меѓутоа и покрај тоа како пожар се шират преку интернет. Супер-порталот делува како универзитет на далечина за џихадисти.

Schiitische Kämpfer in der eroberten Stadt Jurf al-Sakhar 26.10.2014
Фотографија: Reuters

Доменот кај американска фирма

Дотолку несфатливо е што не е блокирана адресата на овој портал. Исто така и од Германија може слободно да се посети интетрнет страницата. Доменот е регистриран кај американската фирма „eNom“. Тоа може да се прочита на интернет. Таа е фирма ќерка на претпријатието „Rightside“ со седиште во Сиетл. Портпаролот преку и-мејл одби барање за интервју дополнувајќи: „Но, ние можеме да Ви соопштиме дека нашата фирма во контекст на илегалните активности на нашите клиенти редовно соработува со службите за безбедност“.

Многу од видео-податоците на ИД се наоѓаат на серверите на една институција во Калифорнија. На писменото барање за интервју таа не реагираше, исто како и американските владини служби и германското министерство за внатрешни работи во Берлин - и покрај телефонското ветување, дека ќе се разгледа барањето. Онлајн пропагандата на ИД развива огромно влијание. Технички е можно да му се стави крај на ова сениште во рок од минути - или најмалку драстично да се ограничи.