1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зајакната безбедносната готовност на Македонија

Катерина Блажевска17 јуни 2015

Полицијата ги следи сите оперативни сознанија, ги анализира и е подготвена да реагира ако е неопходно, велат од МВР, по наводните закани од фракција на Исламска држава за напади на цели во Скопје и Приштина.

https://p.dw.com/p/1FiMa
Фотографија: Reuters/T. Al-Sudani

Информации за наводно зајакната безбедност во касарни, темелни проверки на возилата што влегуваат во нивниот круг, повидливо присуство на униформирани лица во трговски центри и на места со помасовна фреквенција на луѓе. Во заднината на македонска политичка криза, тивко се воведува поголема безбедносна превентива. Граѓаните немаат изострено „око“ за ваквите промени, но тоа не поминува незабележано кај безбедносните експерти. Прашањето е - дали превентивата е резултат на оперативните сознанија што ги има македонската полиција за можни одмазднички акции по настаните во Куманово од 9 и 10 мај, а чија цел би биле институции, но и грабнување лица заради нивна размена со притворените терористи, или е резултат на најновите наводни закани од Исламска држава (ИД) за напади врз цели во Приштина и во Скопје?

Зголемена готовност

Propagandavideo IS Balkan
Фотографија: Propagandavideo Islamic State via Al Hayat/YouTube

Косовскиот портал „Лајми.нет“ пред неколку дена објави комуникација меѓу раководни безбедносни функционери од Косово, во кои тие на полицијата и наредуваат да ги преземе сите мерки за да одговори на заканите од ИД. Според порталот, лице од албанска националност од Македонија, (чие име и е познато на косовската полиција и на „Лајми.нет“), а кое се наоѓало во конфликтна зона во Сирија, контактирало лица од доверба за извршување напади во Косово и Македонија во текот на јуни. Порталот наведува дека косовската полицијата била запозната со предвидените цели за напад од страна на џихадистите, a станувало збор за локации значајни за функционирање на животот на граѓаните. Целта била да се предзвика што поголема материјална штета и човечки жртви, без разлика на верската определба. Во Приштина веќе биле преземени зголемени безбедносни мерки на местата со најголем ризик.

ТВ „Телма“ пред неколку дена објави снимка и информација дека во касарната „Гоце Делчев“ во скопската општина Аеродром се врши проверки на возилата, легитимирање на возачите и дека е очигледно засиленото присуство на воената полиција. Според информациите на телевизијата, за еден степен била зголемена борбената готовност на АРМ. Полицијата, пак, го зголеми нивото на безбедност и готовност уште пред десетина дена. Од македонското МВР велат дека ги следат сите информации поврзани со дејствувањето на радикални исламистички структри, но без детали за оперативните сознанија со кои располагаат.

„Една од целите на терористичките закани е да шират паника и страв меѓу населението. Секако, заканите не смеат да се потценат. Полицијата ги следи сите оперативни сознанија, ги анализира и е подготвена да реагира ако е неопходно“, вели Иво Котевски, помошник министер за односи со јавноста во МВР. Од полицијата не соопштуваат дали размениле информации со косовската полиција и дали имаат проценка колку се сериозни наводните закани од огранокот на ИД.

Немаме „community policing“

Кој и зошто би извршил напад во Македонија - е прашањето што Дојче веле им го постави на безбедносните експерти.

Богданчо Гогов, професор на Факултетот за безбедност, вели дека ако се работи за меѓународни терористички организации, тогаш нивната намера за дестабилизирањето на Македонија може да значи дека сакаат да создадат „своја територија“ во Европа, но и дека земјата е оценета како податлива за таквата цел, односно како држава со институционален дефицит на безбедносен план.

„Доколку заканата доаѓа од внатрешни групи и поединци или од непосредното соседство тогаш можно е да станува збор за 'фолклор', долгогодишната практика на решавање на сериозните економски, соцојални, етнички, верски и други прашања во Македонија и на Балканот.

Дека живееме во т.н. ризично време, политичките, економски и криминални структури барем во Македонија ни нудат секојдневно докази веќе 25 години. Ако се сознанијата точни, полицијата мора да ја зајакне контролата на граничните премини, затоа што екстремистите најчесто патуваат преку легалните државни гранични премини, можеби со лажни патни исправи. Мора да се зајакне контролата на граничниот појас со мерки и активности кои и стојат на располагање на полицијата, а тие се бројни и од различен вид“, укажува Гогов.

Mazedonien Geiselnahme bei Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Организацијата Исламска држава на Ирак и Левент (ИДИЛ) прогласи Исламска држава во централен Ирак на 3 јануари 2014 година. Оттогаш наваму ИДИЛ себеси се нарекува само Исламска држава (ИД). Уште минатата година ИД најави формирање на „балкански калифат“ благодарение на структури, приврзаници и помагачи што ги има на подрачјето на Балканот. Во тој контекст, според Гогов, очекувано е полицијата досега да утврдила кои македонски државјани војуваат или војувале во воени конфликти во други држави и кон нив да преземе законски мерки, како и кон поединци и организации кои донираат парични средсва најчесто на млади лица за прифаќање на одредени нетипични начини на однесување за мултикултурна Македонија.

„Може да се набројат и други задачи кои полицијата мора да ги преземе, но не и тоа што деновиве го гледаме во центарот на Скопје каде нејзините припадници се движат во полна воено пешадиска опрема, без очигледна цел, барем за граѓаните. Очигледното демонстирање на милитаризираната полиција, не влијае битно на безбедноста на граѓаните, туку заплашува и вознемирува, а впрочем тоа е една од основните цели на терористите. Со ова не сакам да кажам дека полицијата не треба да биде присутна во јавниот простор, но тоа присуство е потребно да биде системско, преку полицискиот модел на работа во демократска држава кој треба да биде изграден врз основа на соработка на полицијата со различните заедници кои постојат во нашата замја (т.н. Community policing) што е препорака и на Обединетите нации и на Советот на Европа“, вели Гогов.

Кој влегува во Македонија?

Propagandavideo IS Balkan
Фотографија: Propagandavideo Islamic State via Al Hayat/YouTube

Дел од домашните безбедносни експерти, не сакаат јавно да зборуваат за наводните закани од ИД Иако не го потценуваат фактот дека можеби има оперативни сознанија за безбедносни закани од таков вид, фактот што како цели на ИД наводно се посочени Приштина и Скопје, им создава сомнеж за одвлекување на вниманието од мотивите за кумановските настани и обид за нивно (ре)покривање, со активности на фракции од меѓународни терористички организации. Според нив, сегашните мерки на превентива не може да се сметаат за целосни и навремени, бидејќи бегалскиот бран од Сирија веќе покажал голема порозност на границите и отсуство на контрола дали покрај мигрантите влегуваат и структури со криминални и терористички цели.

Европската Унија на крајот од април годинава најави дека со 10 милиони евра ќе им помага на земјите од Западен Балкан да се справат со исламската радикализација и приливот на терористи. Тоа го предложила Европската комисија (ЕК), во рамките на Европската програма за безбедност 2015-2020, како дел од зајакнувањето на борбата против тероризмот на европско тло и за итно активирање на планот за соработка меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан во спречувањето на шверц на огнено оружје, кое во големи количества влегувало од регионот во Унијата. Новопредложените мерки предвидуваат и разузнавачка соработка, која досега била оценета како недоволна, како и размена на информации меѓу самите членки на ЕУ, што би се одвивало „во најстрога доверливост“ преку полициската агенција на ЕУ, Европол, како дел од Европскиот антитерористички центар.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема