1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заклучоците за 24.12. задолжително незадолжителни

Катерина Блажевска27 август 2013

Форма без суштина, констатации без употребна вредност и правни последици, се дел од експертските оценки за заклучоците во усвоениот извештај за 24 декември 2012 година.

https://p.dw.com/p/19WTg
Фотографија: MAKFAX

Конечниот извештај за инцидентите во Собранието на 24 декември 2012 година, кој вчера го потпишаа сите членови на ад-хок Комисијата, во некои сегменти повеќе отвори прашања, отколку што затвори. Ваков е впечатокот на аналитичарите кои ги консултираше Дојче веле, откако документот стана достапен за јавноста.

Извештајот за 24 декември, има две лица - едно суштинско и едно пропагандно, вели аналитичарот Сашо Клековски.

„Суштинско е дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постигнаа согласност за извештајот со консензус, иако со деловникот е предвидено мнозинско одлучување. Пропагандното лице е дека и двете партии во согласност на мачо-културата, во јавноста ќе се прогласат за победници. Но, многу е важно дека и во јавно изразеното несогласување, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги поддржуваат препораките во извештајот кои треба да го подобрат работењето на Собранието и да превенираат слични ситуации. Резултатите од извештајот ќе најдат одраз во извештајот на Европската комисија. Филе веќе го поздрави извештајот донесен со консензус и најави дека тоа ќе биде забележано во извештајот за Македонија. Препораките ќе станат дел од интеграцискиот процес и нивната реализација ќе биде следена и од ЕУ. Според извештајот, ЕУ е страна во договорот од март меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, потсетува Клековски.

Посветени на препораките

Иако не постои временска рамка во кој треба да бидат спроведени препораките, од двете партии најавуваат дека тоа ќе биде направено во најбрз можен рок. Во тоа уверува и Илија Димовски, член на ад-хок Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, кој вчера изјави дека за неговата партија „тежината на правните квалификации во извештајот е иста како 'палома' хартија“.

„Таа моја изјава се однесува само кон заклучоците. Препораките ги поддржуваме и ќе работиме на нивна имплементација. Во нив има многу добри идеи и насоки за процесот за носење на буџетот со фиксни рокови, за собраниското обезбедување и други прашања. На прашањето дали заклучоците ги третираат како форма без суштина, која не произведува никакви правни последици, Димовски кратко одговара: „Па, така некако“.

Mazedonien - Sonderausschuss 24.12.2012
Комисијата за расветлување на настаните од 24 декемвриФотографија: MIA

Политички неупотреблив

Забелешки за заклучоците има и универзитетскиот професор Стево Пендаровски.

„Најважните формулации во извештајот се прецизни според бриселски критериуми, но благи според балканските стандарди, имајќи го предвид фактот дека прекршувањето на Уставот беше флагрантно, дури и за регионални прилики. Од аспект на политичка употребливост, опозицијата ќе има проблем да го капитализира документот, ако се потпре само на неговиот внатрешен потенцијал. Во која било западно-европска држава ваков извештај сигурно ќе ја собореше владата, но, кај нас тоа нема да има ни маргинален негативен ефект врз рејтингот на владејачката партија. Зошто? Затоа што во последниве неколку години во Македонија изборните преференци на гласачите не ги обликуваат политичките платформи на партиите, туку конкретна понуда на партијата на власт која без ограничување ги дистрибуира државните ресурси. Во ваков контекст, клучниот предизвик на опозицијата ќе биде да го заборави овој извештај и да предложи свој изборен манифест во кој прецизно ќе ги наведе условите без кои нема фер избори. Не силата на извештајот, туку само практично пресекување на клиентелистичката врска меѓу власта и граѓаните, создава шанса за градење амбиент во кој вакви инциденти ќе бидат невозможни“, објаснува Пендаровски.

Никакви правни последици

Според правни толкувања, овој извештај не произведува никакви правни последици за утврдување на одговорност. Формулациите за отстранувањето на пратениците се многу разводнети, а елементите на уставно прекршување може да се насетат само со екстензивно, широко толкување на заклучоците. Врз основа на тие заклучоци, опозициската ЛДП вчера констатираше дека сите одлуки на Собранието донесени на 24 декември се невалидни, буџетот за 2013 година нелегален и дека е извршено физичко насилство и понижување на опозициските пратеници, за кое треба да се бара кривична, материјална и морална одговорност од Претседателот на Собранието и оние што издале наредба за тоа. ЛДП констатираше и дека се исполнети сите услови за итна оставка на министерката за внатрешни работи. Јанкулоска одговори дека за тоа треба да се покрене постапка за интерпелација, но и дека смена на министер или министри е можна и преку барање за гласање доверба на Владата, распуштање на Собранието и распишување на избори.

„Справување со медиумите“

Иако заклучокот за новинарите се смета за помалку разводнет од оној за пратениците, новинарите сметаат дека тој има несоодветна, дури и навредлива терминологија. Жанета Трајкоска, директор на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, укажува на тие правни и сувопарни термини.

„Претпоставувам дека ниту еден од членовите не се сетил дека не би требало да се користат термини како 'справување со медиумите' или дека Собранието со 'посебно внимание и отвореност треба да се однесува кон слободата за извесување на медиумите'. Политичката коректност е толку голема што е контрапродуктива, па новинарите се третираат како нужно зло со кое некој треба да се справи, а кон слободата на изразување да се однесува со посебно внимание. Ова само покажува дека без оглед дали се во позиција или опозиција, политичките елити се уште го немаат потребниот сенс за новинарската работа и медиумските слободи. На препораките исто така треба да им се обрне 'посебно внимание'. Комисијата се согласила дека е потребно да се развие 'дијалог помеѓу новинарите и координацијата на пратеничките групи' и тој да биде 'консезуален на тема: слобода на извршување на новинарската дејност во и гаранција за остварување на истата, во рамките на Собранието'. Што значи ова и која е вистинската порака кон новинарите? Дека во иднина и тие ќе треба со 'посебно внимание да се однесуваат кон слободата на известувањето'“, констатира Трајкоска.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, најави дека оценката ќе ја соопшти по детална анализа на извештајот.