1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот на кредит, секој должи по 830 евра

Костадин Делимитов16 ноември 2014

Потрошувачки кредити, кредитни картички, минуси на тековните сметки. Расте задолженоста на македонските граѓани. Вкупно должат 1,7 милијарди евра.

https://p.dw.com/p/1Do7T
Фотографија: Petr Stojanovski

Кризата притиска, стандардот опаѓа, задолженоста расте. Македонците се` повеќе позајмуваат кај банките. Во последната година и половина просечниот македонец се задолжил за дополнителни речиси 180 евра. Анализите покажуваат дека повеќе од половина од вкупната задолженост на граѓаните се должи на заеми за основна егзистенција, плаќање сметки, купување за потребите на домаќинствата, студирање, годишни одмори. Најпопуларни се потрошувачките кредити:

„Без кредит не можеш да купиш ништо, јас земав потрошувачки за да ја обновам техниката. Купив телевизор, ладилник, клима уред и другото за да се раздолжам за заостанати сметки и сега во наредните пет години сум заглавен до гуша, но тоа е “... „ Каков кредит, уште тоа ми фали, во минус сум две плати на картичка и не знам како ќе се извлечам. Добро е што барем платата е горе долиу редовна и можам да се покривам. Ако ептен заглавам тогаш ќе мислам што ќе правам“, коментираат за Дојче веле вработен во приватна фирма и административец.

Нема сигнали за опасност?

Symbolbild Neuverschuldung
Фотографија: ferkelraggae - Fotolia.com

Минусот на картичките е наједноставниот и најкористениот начин за финансирање на потребите. Сепак овој начин кој краткорочно ги задоволува потребите и е најскап ако се земат предвид каматите кои достигнуваат и над 11%. Граѓаните се свесни за ова но велат дека немаат друг избор: „Се лажеш, месец за месец, малку по малку во минус и веќе сум во црвена зона, две плати, толку и ми дозволува банката. Не сум само јас, речиси и сите мои колешки се во иста ситуација“, коментира една госпоѓа вработена во општинска служба. Растот на вредноста на минусното салдо на тековните сметки го поттикнуваат и банките кои во борбата да привлечат што повеќе клиенти, најчесто дозволуваат надминување на два редовни приливи од плата или пензија. Дозволеното надминување на лимитот може да го користат сите клиенти кои имаат трансакциска сметка и редовно примаат плата или пензија. Интересот за ваквите бенефиции е голем, иако искуствата покажуваат дека банкарите се уште се внимателни при одобрувањето на дозволениот минус на тековните трансакциски сметки.

Просечната задолженост на Mакедонците е мала ако се анализира во споредба со другите земји. Но сепак ако се спореди стандардот и вкупната задолженост тогаш состојбата може да се толкува и како благо загрижувачка. Порастот според експертите е резултат на политиката на банките која во последниов период попушта во делот на кредитирањето. Но колку ваквиот тренд е одржлив, дали забрзаниот раст на задолженоста е лоша за вкупната економија? Експертите барем засега не гледаат сигнали за опасност:

„Состојбата со задолжувањето на населението или домаќинствата не е лоша се додека нема инфлаторен ефект, а тој засега го нема. Од друга страна тоа ја поттикнува потрошувачката а паралелно и производството. Оваа ситуација е добра се додека не се засити тој сектор. Ако се спореди населението со стопанството, јасно е дека кредитирањето е помалку ризично заради тоа што е високо дизеферционирано. Се даваат голем дел но мали по обем кредити кои банките главно немаат проблеми да ги наплатат. Во годините по кризата банките кои се решија на ваквата стратегија покажаа подобри резултати бидејќи имаа помал ризик. Ако се погледнат резултатите од билансите на банкарскиот сектор ќе се види дека поголем ќар имале оние кои се фокусирале на кредитирање на населението, а помалку на стопанството што исто така треба да биде важен сегмент“, смета универзитетскиот професор Љубе Трпески.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: Petr Stojanovski

ММФ: да се стимулира штедењето

Дел од експертите сметаат дека и покрај растот на задолженоста, банките сѐ уште настапуваат конзервативно, посебно во делот на финансирањето на бизнисот:

„За Република Македонија може да се разгледуваат домаќинствата и бизнисите и од друга страна како медијатори банките. Специфично е што и двете страни имаат отпор кон она што значи ефикасна пазарна економија како западните земји. Кај домаќинствата отпорот е кон тоа да не се оди кон масовна потрошувачка туку кон штедење, и тоа може да се види во делот на депозитите на банките. Од друга страна пак во делот на кредитобарателите кај населението повеќе се работи за пари за потребштини отколку за барање кредити за капитални инвестиции. Оттука се наоѓа една интересна ситуација, до кога ова може да се издржи, затоа што ако сакаме да градиме ефикасна пазарна економија која ќе базира на потрошувачка, независно дали е тоа добро или лошо, и што тоа значи за македонската економија мислам дека се уште сме во пат ситуација. Од друга страна пак кога го анализираме банкарскиот сектор се уште може да зборуваме за понуди кои базираат на класична конзервативна понуда, се даваат кредити за оние кои имаат добри идеја, иако не слушаме што тоа значи. Бидејќи едно е добра идеја а друго е дали таа идеја има одредени ризици и што подразбираат под ризици во банкарскиот сектор. Така што на сето ова ако се додаде и домашното задолжување од јавниот сектор се добива една комбинација на просечното задолжување и општата ситуација“, коментира за Дојче веле Маријан Николов од Центарот за економски анализи.

Податоците на Народната банка покажуваат дека вкупните кредити во септември достигнале 4 милијарди евра, од кои 1,7 отпаѓаат на домаќинствата. Во пораст се и депозитите, кои заклучно со септември покажуваат дека заштедите на домаќинствата достигнале 3 милијарди и 209 милиони евра. Кредитниот ризик според монетарната власт и натаму е најприсутниот во банкарскиот систем на Република Македонија, но поради целосната покриеност на нефункционалните кредити со вкупната исправка на вредноста, се намалува опасноста од нивната ненаплатливост за солвентноста на банките: „ Првичните податоци за септември укажуваат на забрзан годишен раст на вкупните кредити, при што динамиката на кредитната активност го надмина проектираното ниво за третиот квартал. По високиот раст во август, првичните податоци заклучно со септември упатуваат повторно на солиден раст на депозитите, при што вкупниот монетарен раст е во согласност со проекциите. Движењата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, во услови на неизвесен економски амбиент, и натаму има надолни ризици околу кредитирањето на приватниот сектор во следниот период, но се помалку нагласени. Солвентноста на македонскиот банкарски систем е стабилна и со двојно повисока стапка на адекватност на капиталот од законскиот минимум и изнесува 16.9% .Показателите за ликвидноста се на задоволително ниво, при што ликвидната актива овозможува висока покриеност на депозитите на домаќинствата“, констатираат во Народната банка.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: DW/Medana Weident

Интересно е што мисијата на Меѓународниот монетарен фонд препорачува да заврши релаксирањето на монетарната политика. По двеонеделната мисија во земјава, монетарците советуваа Народната Банка да ги одржи каматните стапки на ниво кое ќе го стимулира штедењето пред сѐ во денари.