1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еклстон ќе плати 100 милиони долари казна

БГ/ап5 август 2014

Обвинителството во Германија ја прифати понудата да го прекине процесот против сопственикот на Формула 1, Берни Еклстон во замена за казна од 100 милиони долари. Судот потврди дека процесот ќе биде запрен.

https://p.dw.com/p/1CoxC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Еклстон беше обвинет за поткуп и корупција од судот во Минхен и му се закануваше затворска казна до 10 години доколку беше прогласен за виновен. Обвинението го товареше дека му дал поткуп од 44 милиони долари на германскиот банкар Герхард Грибковски, кој е веќе осуден на затворска казна од 8,5 години поради корупција и затајување на данок од истиот судија кај кој течеше процесот на Еклстон.

83-годишниот Еклстон ги отфрли обвинувањата и тврди дека Грибковски, кој му ги продал акциите во Формула 1 на банката БајернЛБ, всушност го уценувал.

Адвокатскиот тим на Еклстон минатата недела побара прекин на постапката, тврдејќи дека нема доволно докази за кривична одговорност на нивниот клиент.

Германскиот закон дозволува обвинителството да ја прекине постапката во замена за казни како општествена работа или парична казна. Такви договори се нормални во Германија, но конечното одобрение го дава судот пред кој се води постапката. Износот на паричната казна најчесто се утврдува според материјалната состојба на обвинетиот.

Обвинителот Кристина Вајс оцени дека прекинот на постапката е оправдан имајќи ја предвид возраста на обвинетиот и други олеснителни околности.