1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двесте денови судење на неонацистите

Марсел Фирстенау/бг23 април 2015

Денеска, 23 април, се навршува двестотиот ден од судењето на припадниците на терористичката организација Националсоцијалистичко подземје (НСУ). Зошто судењето трае толку долго?

https://p.dw.com/p/1FDIN
Фотографија: picture-alliance/dpa/Peter Kneffel/

„Правдата е бавна“. Оваа поговорка е како порачана да го опише т.н. „НСУ процес“ кој се води пред Покраинскиот суд во Минхен. На шести мај се навршуваат две години од почетокот на судењето, кој го отвори претседавачкиот судија Манфред Гецл. Две недели претходно, на 23 април, тој по двестоти пат ќе ги поздрави присутните во судница.

Спроти него, од десната страна, седат петмина обвинети заедно со бранителите. Обвинителот Херберт Дајмер и неговите колеги се од другата страна. На другиот крај на судницата целиот простор го заземаат адвокатите на 90 членови на семејствата кои подигнаа приватни тужби.

Deutschland Fortsetzung NSU Prozess Beate Zschäpe
Првообвинетата Беате ЧепеФотографија: picture-alliance/dpa/A. Gebert

Комплицирано и предолго судење

Големиот број бранители и адвокати одговара на димензиите на целиот процес за кој може да се каже дека е монструозен. Тој збор, кој потекнува од латинскиот и францускиот јазик, има повеќе значења дел од кои се: „одвратно“, „застрашувачко“, „страшно“. Токму со тие зборови се опишани убиствата на Националсоцијалистичкото подземје за кои им се суди на обвинетите. Првообвинетата Беате Чепе се товари за два бомбашки напади и бројни грабежи на банки. Не е ни чудно што процесот е толку комплициран и што трае толку долго.

Судскиот совет под претседавање на Манфред Гецл мора екстремно да внимава да не стори никаква грешка која би можела да го загрози процесот. Процесот би можел да пропадне доколку, на пример, лекарот утврди дека видно ослабената Беате Чепе не може да го следи судењето. За да го намали тој ризик, судијата Гецл од март закажува само по две рочишта седмично, наместо по три како претходно. Причина е нарушеното здравје на првообвинетата кое доведе до повеќе куси прекини во процесот.

Покани за судење до 2016 година

За тоа, уште колку ќе трае процесот денес може само да се нагаѓа. Некои термини се закажани дури и за јануари 2016 година и судскиот совет на тој начин сигнализира дека процесот може, но и не мора да се оддолжи. Можно е пресудите да бидат донесени и побрзо од што се претпоставува. Во прилог на тоа говори и фактот дека решавачките точки од обвинението се веќе обработени.

Richter Manfred Götzl NSU Prozess München
Претседавачкиот судија Манфред ГецлФотографија: picture-alliance/dpa

Стотици сведоци и експерти веќе се појавија пред суд за да одговарат на прашањата кои се однесуваат на серијата убиства извршени од 2000-та до 2007 година, како и за бомбашките напади. Многу време се потроши и на собирањето на информации за т.н. злосторничко опкружување. Многуте пријатели и познаници од неонацистичкото милје, судејќи според мислењето на приватните лица кои подигнаа обвиненија, покажаа во прв ред едно нешто: екстремните десничари кои уште од 1998 година заминале во илегала, можеле, се‘ до откривањето во 2011 година, да се потпрат на широка мрежа на помагачи.

Следни сведоци: информантите

Уште едно сомнително нешто се провлекува како нишка низ целиот процес и е една од причина што тој се оддолжи. Тоа е улогата на информантите од тајните служби задолжени да ја следат состојбата во Германија. Во средата (22.04) пред судот се појавија тројца сведоци, меѓу нив и претседателот на Службата за заштита на уставниот поредок на Саксонија, Гордион Мејер-Плат. Беше направен обид да се создаде слика за работата на сомнителните информанти, припадници на десничарската сцена, чија помош во формирањето на насилничките структури, како што произлезе, била одлучувачка.

Gedenkstätte für NSU-Opfer
Спомен плоча на жртвите на НСУФотографија: picture-alliance/dpa

Денешниот, двестоти ден од процесот, ќе мине во знакот на обвинетиот Ралф Волебен. Тој е обвинет за набавка на оружје со кое се извршени девет од десетте убиства. Пиштолот „Чешка збројовка“ во Германија стигнал преку Швајцарија. Тоа е само уште еден детал во судењето кое трае речиси две години. Времето е неопходно потребно за да се расчистат серијата расистички убиства и за да се казнат сторителите.