1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев вечерва ќе предложи формирање преодна влада!?

Катерина Блажевска10 март 2015

Лидерот на СДСМ вечерва ќе презентира предлог- платформа за излез од длабоката политичка криза. Од СДСМ не откриваат детали, но партиски извори не ја исклучуваат можноста тој да предложи формирање преодна влада

https://p.dw.com/p/1Enxw
Фотографија: Petr Stojanovski

Вечерва ќе бидат презентирани „најзначајните, најдрските и најбезобразните примери“ за грабеж на изборните процеси од страна на Никола Груески и неговите соработници. Потоа, ќе ја презентираме нашата предлог-политичка платформа, со објаснет редослед на потези за излез од длабоката политичка криза. Вака лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја најави содржината на вечерашната епизода од серијалот „Вистината за Македонија: Изборен грабеж“, што ќе се одржи во Универзалната сала во Скопје, со почеток во 19 часот. Презентацијата ќе ја следат стотина акредитирани новинари, како и претставници на најмалку шест дипломатски претставништва во Македонија. Со оглед дека постои огромен интерес во јавноста, од СДСМ објаснуваат дека местата не се резервирани за партиски активисти. Нема специјални покани, ниту резервации. Влезот ќе биде слободен за сите заинтересирани граѓани, а за оние кои нема да успеат да најдат слободно столче, на распологање ќе бидат поставени два надворешни видео-бима на кои ќе можат во живо да го следат настанот што ќе биде сниман со пет камери.

Од СДСМ не сакаат претходно да обелоденуваат детали од предлог-платформата за излез од кризата. За неа вечерва ќе зборува лидерот на партијата, Зоран Заев, кој ќе има свое обраќање, а како втор говорник неофицијално е најавен минатогодишниот претседателски кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски. Во партијата ова го сметаат за Денот Д, „по кој целосно ќе паднат маските на власта која постојано се повикува на нејзиниот легитимитет добиен на 'фер и демократски избори'“.

Што потоа?

Во политичките кулоари се вртат многу шпекулации околу платформата што ќе ја предложи опозицијата. Според партиски извори, не е исклучена можноста Заев да ја потенцира неопходноста од формирање на преодна влада.

„Потребата од формирање преодна влада му била предочена и на еврокомесарот Хан. Во неа би требало да седнат авторитети без партиски предзнак, луѓе со личен морален интегритет и докажани експерти во своите области. Таа би имала мандат да спроведе крупни реформи во поглед на функционирањето на политичкиот систем и на институциите. Изборот на непартиски состав би ги намалил тензиите дека некој сака без избори да седне во владата“, велат овие извори, без да прејудицираат дали тој предлог би бил соопштен вечерва.

Но, она што е неизвесно, е дали и како би се однесувала Владата соочена со нови докази за изборен грабеж: дали ќе прифати предлог за формирање преодна влада и ќе даде оставка или и натаму „нема да коментира 'креирани материјали' од лица осомничени за насилство кон државниот врв“ и ќе се однесува како ништо да не се случува во државата.

„Замижувањето пред состојбите не ја решава кризата, туку ја внесува во полоша и полоша фаза, бидејќи во меѓувреме многу интензивно расте опасната поделба и поларизација во македонското општество,“ велат за Дојче веле дипломатски извори. Според нив, повеќе од јасно е дека на земјата и треба меѓународно посредништво за излез од кризата, но и потврда од внатре дека таа помош е добредојдена.

Mazedonischer Premierminister Nikola Gruevski
Никола ГруевскиФотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

„Потребно е сите да се најдат на линијата на разбирање, за она што е и потребно на земјата, пред се, сега, но и за во иднина. Но, треба да покажат и дали се подготвени да дадат се од себе за да се стигне до таа цел. Ако таа подготвеност ја нема кај сите, или не е искрена, тој или тие политички субјекти сами ќе се легитимираат како незаинтересирани и за свој придонес, и за странско медијаторство за излез од кризата“, велат дипломатски извори.

Од ова може да се заклучи дека меѓународната заедница нема да губи време на решавање македонски меѓупартиски „ребуси“ и тапкање во место, туку дека ќе инсистира работите да бидат изведени „на чистина“: да се знае дали сите се подготвени да инвестираат во решавање на кризата или некому му одговара нејзино продлабочување. Врз основа на тие факти и сознанија, официјален Брисел ќе го определи својот став и евентуални потези.

Важна е содржината на разговорите

Владата постојано избегнува коментари за содржината на незаконски прислушкуваните разговори, кои според Заев, сведочат за упад на извршната власт во судството и во медиумите, но и за изборен грабеж. Додека таа акцентот го става исклучиво на прашањето кој снимал, со тврдење дека е тоа странска служба помогната од домашни агенти, од меѓународната заедница стигнуваат отворени очекувања за истражување на содржината и суштината на тие разговори. Такви очекувања вчера изрази и делегацијата на Европската Унија во ОБСЕ. Таа ги повика сите политички лидери да преземат одговорност и да соработуваат за да го надминат политичкиот ќорсокак со тоа што ќе го обноват политичкиот дијалог и довербата во институциите во интерес на своите граѓани.

„Лидерите во државата мора да дејствуваат веднаш и заеднички да се фокусираат на стратегиските приоритети во земјата“, велат претставниците на ЕУ во ОБСЕ во нивното соопштение. За таа цел неопходно е да се истражат сите обвинувања за прислушувањето.

Serbien - EU-Komissar Johaness Hahn
Јоханес ХанФотографија: picture-alliance/dpa/ O. Toskic

„Европската Унија е длабоко загрижена заради индикациите за широко раширено незаконско прислушување на граѓаните, вклучувајќи го граѓанското општество и новинарите, како што посочи и претставникот за слободата на медиумите. Се придржуваме до повиците до владата на Поранешната југословенска република Македонија да осигура дека содржината и суштината на обвинувањата ќе биде целосно и транспарентно истражена, со целосно почитување на правната процедура и принципот за презумпција на невиноста. ЕУ е загрижена за владеењето на правото во Македонија, како и за слободата на медиумите, кои се централни вредности на секое демократско општество и важни за процесот на проширување. ЕУ ги нагласува и инцидентите на говор на омраза во медиумите во ПЈРМ, кои се повторуваат. ЕУ е длабоко загрижена заради континуираното влошување на ситуацијата во однос на слободата на изразувањето и на медиумите во државата“, се вели во соопштението.

Речникот се поостар

Ова не е единствената реакција. Претходно и мисијата на ОБСЕ во Македонија реагираше на говорот на омраза и достави претставка до Советот за етика во медиумите, а минатата недела и американскиот амбасадор во ОБСЕ изрази загриженост за политичката ситуација во Македонија, по сериозните обвиннувања кои ја доведуваат во прашање независноста на медиумите и судството, како основни демократски вредности. Домашни аналитичари сметаат дека речникот на Брисел ќе станува се поостар, со оглед дека не гледаат преземање на некакви чекори за решавање на состојбите, пред се од страна на Владата. Во меѓувреме, во политичките кулоари веќе се лицитира со имиња на потенцијални меѓународни посредници, „моќни медијатори, кои во својот минат труд би ја имале енергичноста на еден Мирослав Лајчак и посветеноста на еден Карл Билд“. Има ли таков? Во партиите не сакаат да коментираат дали има некој конкретен предлог или, како што се шпекулира, дали акцентот ќе биде ставен на донаторска конференција за финансиска поддршка на Македонија. Во последниов период се почесто се спомнува и името на Мирјана Лазарова-Трајковска, македонска судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но засега во нејасен контекст - дали нејзиното професионално искуство би било добредојдено во контекст на судските постапки или нешто повеќе од тоа. Колку за потсетување, во времето кога таа беше претседателка на ДИК, изборниот циклус помина речиси без дамки и нерегуларности, што беше една од ретките светли точки во серијата изборни процеси во Македонија. Тоа не би можело да се каже за последните три циклуси, за кои опозицијата веќе објави повеќе сознанија. Тоа е и причината, што актуелниот состав на Државната изборна комисија, најави дека откако вечерва ќе ги слушне и другите сознанија за изборни нерегуларности, ќе закаже седница за да ги разгледа презентирани информации.