1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г8 минус еден: Г7 ја исфрли Русија

Бернд Ригерт/ Александра Трајковска25 март 2014

Седумте водечки индустриски нации ѝ се заканија на руската влада со проширување на санкциите и засега е откажана средбата на Г8. Русија реагираше демонстративно опуштено.

https://p.dw.com/p/1BVHZ
Фотографија: Reuters

На импровизираната средба на седумте водечки индустриски нации во седиштето на холандскиот премиер во Ден Хаг на телевизиските слики изгледаше како на досегашните средби на Г8 во Лох Ерн, Камп Дејвид, Девил или Хајлигендам. Релативно мала округла маса со знамињата на учесничките држави во заднина и без големи делегации, туку само со шефовите на држави или влади. Овојпат меѓутоа недостасуваше една столица. Рускиот претседател Владимир Путин не беше поканет.

Претседателите на САД и Франција и премиерите на Велика Британија, Италија, Канада, Јапонија и Германија на оваа средба на Г7 испратија сигнал: Русија поради анексијата на Крим во Руската Федерација е меѓународно изолирана. Дипломатскиот карантин ќе продолжи. Германската канцеларка Ангела Меркел се изјасни дека Групата осум е укината. „Сѐ додека нема политички предуслови за Г8, нема да има Г8. Ниту како конкретен самит, ниту како формат“. Клубот на седумте водечки индустриски земји и Русија формално се среќаваа од 1998. година.

Niederlande G7-Treffen Krisengipfel in Den Haag Angela Merkel
Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Закана со построги санкции

По средбата беше издадено само писмено соопштение. Американски дипломат, кој сакаше да остане анонимен, ги информираше новинарите. Г7 постигнале согласност за натамошни санкции против Русија, доколку претседателот Путин навлезе повеќе во Украина или се влоши состојбата, истакна дипломатот. Г7 дискутирале за економски санкции за конкретни економски гранки и евентуалните влијанија врз трети држави.

Претседателт на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој, кој исто така учествуваше на средбата, претходно го потврди заклучокот од самитот на ЕУ мината недела, односно дека ЕУ исто така размислува за економски санкции доколку дојде до нов развој во регионот. Дополнителни санкции, освен забраната за влез за одредени личности и блокирани сметки, би се вовеле доколку дојде до насилство на анектираниот полуостров Крим, вели еден американски дипломат. Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг по самитот изјави дека Европа сега сака да бара патишта, како би можела да биде понезависна од увозот на енергенси од Русија.

Обама: Европа и САД заеднички ќе дејствуваат

Американскиот претседател Барак Обама пред почетокот на Г7 самитот повторно жестоко ја критикуваше Русија и го истакна заедништвото на Западот: „Нашите НАТО партнери се нашите најблиски сојузници на светската бина. Европа е клучот на американските односи со светот“, рече Обама. Тој застана на страната на Украина: „Европа и Америка се обединети во поддршката на владата на Украина и на украинскиот народ. Ние сме единствени во досега донесените мерки за Русија да мора да плати цена за своето досегашно однесување“.

Niederlande G7-Treffen Krisengipfel in Den Haag Barack Obama
Барак ОбамаФотографија: Reuters

Русија опуштено реагира

Оваа година Владимир Путин го имаше ротирачкото претседателство во Групата осум и затоа шефовите на држави или влади требаше да одржат самит во Сочи на Црното Море, недалеку од Крим. Оваа средба сега е дефинитивно откажана. Наместо тоа Г7 ќе се сретнат во јуни во Брисел. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој во Хаг учествува на самитот за нуклеарна безбедност, опуштено реагираше на оваа вест: „Тоа не е трагедија“, рече Лавров на пресконференција. „Г8 не е официјален клуб со членска карта. Затоа никој не може некого да исфрли од клубот“. Важните одлуки денес секако се донесувани од Групата 20, вели Лавров. Во Г20 припаѓаат и економски важните земји во развој како и некои меѓународни организации.

Niederlande Atomgipfel Krisengipfel in Den Haag Sergej Lawrow
Сергеј ЛавровФотографија: Reuters

На маргините на нуклеарниот самит Лавров се сретна и со неговиот украински колега Андриј Дешчица. Украинскиот министер рече дека неговата земја сака да живее во мир со сите земји и со Русија. Што точно разговарале двајцата министри, не е познато.

Претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо укажа дека Европа и покрај дипломатската шлаканица останува отворена за разговори со Русија. Барозо со олеснување реагираше што сега набљудувачи на ОБСЕ ја скенираат состојбата во Украина „Ја поздравувам одлуката за испраќање на набљудувачи на ОБСЕ во Украина. Како што знаете, ЕУ и натаму полага во мировно решение и преговори“, рече Барозо кој исто така учествуваше на советувањата на Г7.