1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните забележуваат зголемен говор на омраза во Македонија

АМ/макфакс4 февруари 2014

Дури 79,4 отсто од граѓаните забележале говор на омраза помеѓу политичарите и поддржувачите на политичките партии во земјата, а над 70 отсто сметаат дека тој се зголемува во последните години.

https://p.dw.com/p/1B2Uu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ова се само некои од сознанијата добиени од истражувањето, кое за потребите на Македонскиот институт за медиуми и „Безомразно.мк“, го спроведе агенцијата „Рејтинг“.

Препознавањето на говорот на омраза многу зависи од степенот на образование. Според истражувањето, дури 88 отсто од високообразованите испитаници забележуваат говор на омраза во политиката. Кај испитаниците со средно образование тој процент е 81 отсто, додека кај оние со основно образование 61 отсто.

Според истражувањето, со политички мотивиран говор на омраза најмногу се сретнале вработените во државниот сектор - 87 отсто. Со говорот на омраза во оваа сфера се сретнале и 86 отсто од испитаниците кои порано биле, а сега не се членови на некоја политичка партија, 80 отсто од оние кои моментално се членови, и 78 отсто од оние кои не се и не биле членови на партии.

Медиумите – клучна алатка за говор на омраза

Испитаниците ги посочуваат медиумите како клучна алатка за трансферирање на политички мотивираниот говор на омраза. Него го има и во личните контакти на граѓаните. Речиси секој испитаник (97,3%) ваквиот тип на говор на омраза го забележал на телевизија, 74,3% во весник, 48,7% на социјалните мрежи, а речиси ист процент, или 48,3%, на интернет страниците. Понатаму, 43% од испитаниците забележале говор на омраза на радио, а секој трет испитаник, или 34,3%, искусил политички мотивиран говор на омраза во личен контакт.

Политички мотивираниот говор на омраза на интернет страниците во највисок процент (88%) забележуваат младите на возраст од 18 до 29 години, кои се најчести корисници на мрежата. Според етничката структура, повеќе од половинатата или 56% од испитаниците етнички Албанци, 46% од етничките Македонци и 44% од другите етнички заедници изјавиле дека забележале ваков тип говор на омраза на интернет страници, а најмногу го забележуваат високообразованите, учениците или студентите.

Интересно е што дури 67% од вработените во државниот сектор и 60% од моменталните членови на политичките партии среќаваат политички говор на омраза на интернет.

Социодемографската анализа открива слични резултати и за присутноста на политички мотивираниот говор на омраза на социјалните мрежи. Тоа во најголем процент го забележуваат етничките Албанци (58%), испитаниците на возраст од 18 до 29 години (85%), две третини од оние со највисок степен на образование (63%), учениците и студентите (88%) и моменталните членови на политичките партии (59%).

Истражувањето е спроведено во периодот од 18 до 19 декември 2013 година, преку телефонска анкета на примерок од 800 испитаници. Маргината на статистичка грешка во ова истражување е од -3,5 до +3,5%.