1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги затвора вратите за балканските азиланти

АТ/ афп/ дпа/ епд30 април 2014

Владата во Берлин го одобри предлог законот со кој Србија, Македонија и Босна и Херцеговина ќе се третираат за сигурни земји на потекло. Оваа мерка се воведува за да се намали бројот на баратели на азил од овие држави.

https://p.dw.com/p/1BrKL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Барањата за азил на лицата од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина во иднина ќе може да бидат полесно одбивани отколку досега. Кабинетот на канцеларката Меркел, според владини извори, денеска (30.04.) го одобри предлог законот на министерот за внатрешни работи Томас де Мезие со кој трите балкански земји во индина ќе се третираат како сигурни земји на потекло. „Со ова сакаме да го намалиме бројот на подносители на барања за азил од овие држави“, вели ресорниот министер Де Мезие. Тој, освен тоа, аргументираше дека други држави како Велика Британија, Франција и Белгија одамна го сториле тоа.

Во предлог законот се вели дека на тој начин Германија станува помалку атрактивна за подносителите на барањата на азил, кои немаат мотиви релевантни за доделување азил.

По укинувањето на обврската за виза за граѓаните на овие земји во 2009 и 2010 година во Германија драстично се зголеми бројот на лица кои потекнуваат од трите балкански земји и бараат азил, се наведува во предлог законот. Предуслови за доделување на азил досега имало само во мал број поединечни случаи, аргументира Министерството за внатрешни работи на Германија. Оттука, министерот Де Мезие оцени дека бројките го оправдувале решението. Воедно, само во првите три месеци од годинава речиси една третина од барањата за азил во Германија доаѓаат од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. Во 2013 година од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина биле поднесени речиси 32.000 барања за азил, додека во 2012 година беа регистрирани 12.000 барања за азил од граѓани кои потекнуваат од овие земји.

Пратеници од ЦДУ и ЦСУ во Бундестагот се заложија за тоа и Албанија и Црна Гора да бидат класифицирани како сигурни земји на потекло. „Квотата на признавање за барателите на азил од овие земји е многу минимална“, рече портпаролот за внатрешна политика на пратеничката група на партиите на Унијата, Штефан Мајер за весникот „Велт“.

Бројот на барателите на азил, на пример од Албанија, се зголеми во Германија откако Франција ја прогласи државата за сигурна земја на потекло. Мајер се заложи и за тоа да се воведе забрана за повторен влез за лицата чии барања за азил биле одбиени. Експертот за внатрешна политика од СПД Михаел Хартман не се противи категорично да се зголеми бројот на сигурни земји. „Ако сакаме да зборувам за други земји - и за тоа има добри причини - тоа мора да се направи на партнерска основа“, рече тој за весникот. Социјалдемократите, според весникот, за возврат бараат проширување на одредбите за двојно државјанство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема