1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија растргната меѓу Москва и Брисел

Александар Андреев/ Симе Недевски25 март 2014

Анексијата на Крим од страна на Русија длабоко го подели бугарското општество. Расположението варира меѓу симпатија за Русите и страв од Путиновиот стремеж за моќ.

https://p.dw.com/p/1BVPa
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Поврзани преку писмото, религијата и историјата, многу Бугари имаат симпатии за Русите. Истовремено, меѓутоа, се будат и стравувањата дека Москва повторно би можела да се обиде да ја повлече Бугарија во својата геополитичка сфера на моќ. Недовербата на многу Бугари кон моќниот сосед може да се потврди и преку една позната руска поговорка: „Пилето не е птица, Бугарија не е странство“. Југоисточно-европската земја со површина од околу 111.000 квадратни километри и 7,3 милионско население додуша нема заедничка граница со Русија, но затоа има долги и комплицирани односи со „големиот брат“.

Русија - ослободител или окупатор?

Конфронтацијата меѓу „русофилите“ и „русофобите“, која во Бугарија има долга историја, во моментов добива нов потстрек. Во официјалната бугарска историографија Русија важи за „ослободител од турскиот јарем“, бидејќи бугарската државност е повторно воспоставена по Руско-турската војна во 1877/78 година. Историчарот Пламен Цветков меѓутоа во тоа гледа чисто пропагандистичко клише, кое во историските книги и во медиумите се пренесува некритички. „Повеќето Бугари воопшто не знаат дека мировниот договор од 1878 година не претставувал 'ослободување, туку ја запечатил долгорочната окупација на Бугарија од страна на руската армија и служел за спроведување на руските политички интереси на Босфорот“, вели Цветков.

Bulgarien Shipka Kirche
Руска црква во СофијаФотографија: Fotolia/vsulov

Значел „ослободување“ или повеќе окупација? За ова јавното мислење во Бугарија сѐ уште е длабоко поделено. Исто толку контоверзно се интерпетира и актуелниот развој на настаните на Крим, истакнува истражувачот на јавното мислење Парван Симеонов:

„Го поставивме прашањет : Кои сили во Украина ги поддржувате - проевропските или проруските? 43 проценти од испитаниците беа неодлучни, 30 проценти го поддржаа насочувањето на Украина кон ЕУ, а 27 насто ориентирањето кон Русија“, вели овој соработник на Меѓународната компанија за истражување на јавното мислење Галуп.

Разочараните граѓани на ЕУ го поддржуваат Путин

Иако Бугарија е членка на ЕУ и официјално ја застапува позицијата на Унијата за Украина, сепак земјата е екстремно зависна од руските испораки на енергенси и на нејзино чело е влада, во која доминираат социјалистите кои традиционално се пријателски настроени кон Русија. Тивката и гласната поддршка за политиката на Путин нема само историски и енергетско-политички корени. Многу граѓани на најсиромашната земја во ЕУ се разочарани од членството во Унијата и чувствуваат определена сатисфакција околу новото ледено доба меѓу Кремљ и ЕУ. Антиевропското расположение во Бугарија едноставно се спои со русофилијата, истакнува политикологот Даниел Смилов.

„Само по себе чувството на блискост кон Русија не ништо неморално. Меѓутоа изненадувачки е дека не само социјалистите, туку и бугарските националпопулисти го поддржуваат режимот на Путин“, смета Смилов.

Parvan Simeonov
Парван Симеонов од „Галуп Интернешнл“Фотографија: BGNES

Без утврден политички идентитет

Актуелните состојби во Бугарија навистина се многу чудни. Поранешните комунисти, а сега социјалисти, бугарските националисти, но и убедените антиевропејци и антиамериканци заеднички го коваат расположението за Владимир Путин и неговата политика, иако оваа политика јасно ја загрозува безбедноста на Бугарија и нема ништо заедничко со левичарските идеи. Тоа е еден од доказите дека повеќето Бугари немаат утврден политички идентитет, смета културологот Иваило Дичев: „Бугарските русофили се означуваат себеси како левичари, а истовремено поддржуваат една империја која 200 години наназад задушувала револуции и национални ослободителни движења. Како десноориентирани во Бугарија важат оние кои ја критикуваат Русија, а како левоориентирани поддржувачите на Русија. Тоа е идиотски.“

И истражувачот на јавното мислење Парван Симеонов верува дека поделбата на левица и десница во денешна Бугарија е заведувачка, штом ќе стане збор за Русија: „Всушност станува збор за поранешната конфронтација меѓу Истокот и Западот, која очигледно во Бугарија сѐ уште не е надмината“, вели Симеонов.

Опасна политика на Русија

Проевропските и кон Русија критичките гласови во Бугарија упатуваат на тоа дека Москва со децении ја третира Бугарија како ексклава. Стравот од можниот голем брат расте: илјадници руски граѓани поседуваат недвижности во Бугарија, руските лобисти се многу активни во бугарската економија и во медиумите и се стравува дека старите клики од времето на Источниот блок повторно би можеле да доживеат ренесанса. Поради сето ова членството на Бугарија во ЕУ и во НАТО е единственото сигурно прибежиште, гласи доминатната порака на реалистичните политичари.

Ivajlo Ditchev
Ивајло Дичев, културологФотографија: BGNES

Кога станува збор за Украина, меѓутоа, бугарските социјалисти со Брисел и Москва говорат на два различни јазика, смета политикологот Даниел Смилов. И за Пламен Цветков ваквата наводна неодлучност е само одиграна:

„Во суштина социјалистите само си ја преземаат нивната стара уиграна улога на тројански коњ на Русија во Бугарија и во ЕУ“, вели историчарот.

По вторпат по политичкиот пресврт од 1989-1990 година Бугарија е растргната меѓу Западот и Истокот, меѓу Москва и Брисел. Тогаш надежите на граѓаните беа насочени кон ЕУ, денес пак многу Бугари се разочарани. Дали земјата повторно би можела да западне во сферата на влијание на Москва? Тоа е неверојатно, сметаат набљудувачите. Меѓутоа антиевропското расположение може јасно да се почувствува и на европските избори во мај јасно и ќе се покаже.