1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бриселскиот состанок без договор- Хан разочаран

Б.Георгиевски/миа11 јуни 2015

Маратонскиот, 12 часовен состанок меѓу лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија одржан под покровителство на еврокомесарот Јоханес Хан во Брисел, заврши без договор

https://p.dw.com/p/1FfAG
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Зоран Заев и Никола Груевски се обвинуваат меѓусебно за неуспехот на маратонската бриселска рунда преговори за излез од политичката криза во Македонија, додека еврокомесарот Јоханес Хан изрази разочараност, но и подготвеност да продолжи натаму во барањето решение.

„Европската унија ги повикува сите страни во интерес на својата земја и нејзините граѓани да се најде траен политички компромис без одложување и да се излезе со конкретни предлози за оваа цел, за дефинирање на веќе постигнатиот договор во Скопје на 2 јуни. Определбата за реформи содржани во него, на која се посветени сите партиски лидери мора да се спроведе како итно прашање. Ова е од суштинско значење за земјата да направи каков било напредок на патот кон евроатлантските интеграции“, се наведува во официјалната изјава на ЕУ по разговорите.

Еврокомесарот Јоханес Хан беше уште подиректен во пораката која ја објави на својот Твитер профил.

„Нема конечен договор на разговорите за БЈР Македонија. Многу сум разочаран од недостатокот на одговорност и лидерство на некого. Граѓаните заслужуваат подобро: демократија, владеење на правото и европска иднина. Нема да се откажеме!“ - порача Хан.

Премиерот Груевски смета дека оној кој покажал недостаток на лидерство и одговорност е претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„ Ние денеска преговаравме повеќе од 12 часа и мојата крајна констатација е дека господинот Заев ниту сакаше да постигне договор, ниту, пак, дојде до тоа. Причината е што тој не дојде да се договори, туку тој дојде да не се договори. Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее тешко фијаско, дека ќе го доживее најголемиот пораз на СДСМ досега во неговата историја. Ни договор сака да постигне, ниту избори да има. Тоа е целиот проблем со него и атмосферата што ја градеше претходните денови, укажуваше дека не сака да постигне договор“, изјави Груевски по состанокот.

Заев останува на ставот дека Груевски не може да организира предвремени избори, и дека претходно мора да замине од функцијата.

„Важно е што останавме на ставовите кои не се само наши. Тоа се единствено можни принципиелни ставови кои гарантираат фер и демократски избори. Тоа со Груевски не е возможно. Тој е главниот виновник за сите криминали. Не може човекот кој е главен во проблемот да биде и решение за проблемот. Избори со Груевски не можат да бидат фер“, рече Заев.