1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Болните од сида се и натаму дискриминирани

Антоанела Димитриевска1 декември 2012

Во светот денес околу 34 милиони луѓе живеат со вирусот ХИВ. Според извештајот на ОН за ХИВ/СИДА, во неразвиените земји стапката на нови инфекции е намалена за 25%, но и натаму е сериозно висока. Како е во Македонија?

https://p.dw.com/p/16u2R
Фотографија: Fotolia/Africa Studio

Само минатата година во светот биле регистрирани 2,5 милиони луѓе инфицирани со вирусот ХИВ. Извештајот на Заедничката програма на ОН за ХИВ/СИДА покажува дека меѓу новоинфицираните најголем број се сексуални работници, хомосексуалци и интравенозни корисници на дрога.

Лицата со ХИВ/СИДА се се‘ уште дискриминирани во Македонија

Групата за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ/СИДА во Македонија „Заедно посилни‘‘, а кои се дел од Здружението на граѓани ХЕРА, се залага за подобрување на квалитетот на живот на луѓето кои живеат со ХИВ/СИДА и за отстранување на жигосувањето и дискриминацијата на овие лица и подобра здраствена заштита.

„Групата брои 15 редовни члена, различни по пол и возраст, а преку свои членови комуницира и со други вакви лица кои се‘ уште не се охрабриле да членуваат во ваков вид на група“, појаснува за ДВ Андреј Сених, координатор на групата.

Сених потенцира дека „стравот од отфрлање, од исклучување, е еден од најголемите проблеми на овие луѓе“.

Flash Galerie Symbolbild HIV
Стапката на нови инфекции се намалува, но се‘ уште е сериозно високаФотографија: picture alliance / dpa

„Негативните искуства од минатото се причина тие да не го споделуваат својот статус, па дури ни со членови на своето семејство. На вистинска дискриминација се‘ уште наидуваат и онаму каде самата ситуација им налага да го откријат својот ХИВ статус во здраствените институции. За жал се‘ уште има случаи кога на овие лица им е одбиена здравствена услуга поради тоа што се ХИВ-позитивни, што е сосема неприфатливо“, потенцира Сених.

Д-р Ѕвонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде главно се лекуваат овие лица потенцира: „Оваа јавна здраствена установа има високо обучен персонал за третман на пациентите со ХИВ/СИДА и располагаме со најсовремена дијагностичка опрема.“

ХИВ-инфекцијата не се пренесува преку социјални контакти и нема причина овие лица да бидат отфрлени. Со постоечката антивирусна терапија животот на лицата со ХИВ може да биде нормален, здрав, долг, продуктивен и квалитетен. Сених револтирано вели: „За жал имаме евидентирано три случаи кога работодавачот дознал за ХИВ-вирусот, се создала дискриминација и им било укажано да не доаѓаат повеќе на работа.“

Дваесет нови случаи на инфицирани со ХИВ/СИДА

Дваесет нови случаи со ХИВ/СИДА се регистрирани годинава во Македонија, што е најголем број новооткриени случаи годишно од 1987 година досега, информираат од Институтот за јавно здравје на Македонија. Примариус д-р Жарко Караџовски објаснува: „Од нив 12 имаат СИДА, а осум се ХИВ-позитивни. Од нив 15 се машки, а пет женски лица, а меѓу нив е и едно шестгодишно дете. Најголем број, 12 лица, се регистрирани во Скопје, по тројца во Куманово и Радовиш и двајца во Кичево.“

Kondome Weltaidstag
Превенцијата е најдобра заштитаФотографија: picture-alliance/dpa

Инаку, од 1987 година досега во Македонија се регистрирани 166 случаи со ХИВ/СИДА, од кои 69 починале. Во моментов во Македонија живеат 97 лица со ХИВ/СИДА.

Превенцијата и едукацијата како заштита

Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здраствена заштита при Министертсвото за здраство истакнува дека превенцијата е единствената мерка за заштита од ХИВ/СИДА. Во Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА за 2013 година тие обезбедиле шест милиони денари за лекување на овие пациенти. Околу едукацијата таа најавува: „Сите Центри за јавно здравје во Македонија ќе организираат едукатувни предавања за младите. Тимови од Црвениот крст ќе делат презервативи на јавно прометни места, а во дваесетина компании ќе се поделат и брошури и прашалници за да се утврди информираноста на вработените за ХИВ/СИДА.“

Weltaidstag 2011 Aids Seoul Südkorea
Стравот и предрасудите кон лицата со ХИВ се се‘ уште длабоко всадениФотографија: AP

Инаку, Здружението „Заедно посилни“, во соработка со Македонската опера и балет, вечерва (01.12) во Македонската опера и балет во Скопје ќе одржат хуманитарен концерт за лицата со ХИВ/СИДА. Ристина Николова, задолжена за односи со јавност при Македонската опера и балет, нагласува: „Целта на концертот е да се обезбеди јавна поддршка за намалување на дискриминацијата и стигмата кон луѓето кои живеат со ХИВ во Македонија. Воедно и обезбедување финансиски средства кои ќе бидат наменети за помош на овие лица.“