1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белгија: Протерување на граѓани на ЕУ

Ф-У.Браун/ С. Недевски4 март 2014

Една белгиска политичарка одлучи да го заштити социјалниот систем на државата од сиромашните доселеници од другите земји членки на ЕУ. Таа смета - невработените Европејци не смеат да бидат на товар на социјалната држава.

https://p.dw.com/p/1BDYD
Brüssel
Фотографија: Fotolia/ANADEL

Ова се слики од подобрите времиња: Танго ди репа, односно Танго за јадењето, е ода на животната радост, животната радост на Силвија Гуера, музичарка и актерка.

Од оваа радост денес не остана многу, иако сѐ се одвиваше одлично. Таа имаше едноиполгодишен договор за работа, делумно финансиран од службата за социјална помош, што е често случај со уметниците во Белгија.

И токму тоа одеднаш стана проблем. Кон крајот на минатата година ја известија дека ќе ја протераат оти неоправдано прима социјална помош.

„Протерувањето ми дојде како гром од ведро небо! Не се сомневаш во ништо и одеднаш имаш само еден месец да реагираш. Да знаев порано дека може да се случи тоа, веројатно ќе можев подобро да реагирам“, се жали Силвија.

Таа дојде во Белгија пред 3 години за да учествува во еден уметнички проект - и остана. Сега се чувствува отфрлено. Гуера отсекогаш мислела дека секој граѓанин на ЕУ смее да живее и работи каде сака во Европа.

Точно, но не на сметка на белгиските даночни обврзници. Барем така на тоа гледа службата надлежна за странците, која веќе 2 години ги усогласува податоците со службата за социјална помош. Бројот на протерувања од тогаш драстично се зголеми.

Place Lux, Brüssel
Фотографија: DW

„Праксата се промени! Многу е важно да се каже дека и законите во ЕУ исто така предвидуваат социјална помош само во одредени случаи и неа не може секој автоматски да ја добие. Но, во нашето законодавство постоеше дупка која е сега затворена“, објаснува Херт Фербаухеде од службата за странци.

На овој начин минатата година околу 2.500 граѓани на ЕУ останаа без дозвола за престој и мораа да ја напуштат земјата. Оваа тврда линија е многу популарна во Белгија.

Надлежниот државен секретар Маги де Блок во моментов е меѓу најпопуларните политичари во државата. Таа не дава интервјуа на оваа тема, но јасно става на знаење каква е нејзината политика. „Ги применувам правилата и законите и тоа им се допаѓа на луѓето.“

Белгиската политика на цврста рака е една страна на приказната. Другата е стравот на граѓаните од т.н. социјален туризам, кој во моментов кружи во Европа.

Сиромашните од источна Европа се пречка за богатите земји членки. Меѓутоа, за наплив од мигранти, како што десните популисти постојано кукаат, не може да стане збор.

Напротив, вели адвокатот на Силвија Гуера, Франц Хелајн. Тој смета дека Белгија претерува со политиката на протерување: „Соочени сме со сѐ порестриктивна политика кон доселениците. Тоа е за жалење, бидејќи полека но сигурно добива карактер на лов на странци.“

Уште 2 години и Силвија Гуера ќе добиеше дозвола за траен престој во Белгија. Сега се' е отворено. Сепак, таа фигуративно вели дека нема да свири тажна песна, туку побргу некоја борбена.