1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ дискутира за безбедноста

Кристоф Хаселбах / Е.М. Фиданоска13 јануари 2015

По теророт во Париз во ЕУ наголемо се води дебата „за“ и „против“ поостри закони за безбедност. И како и по секој поголем терористички напад, повторно надзорот стои наспроти заштитата на податоци.

https://p.dw.com/p/1EJIQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Барањето за построги закони за безбедност се слушаше по нападите од 11 септември 2001-ва, по нападите од 2004-та во Мадрид, 2005-та во Лондон, 2014-та врз еврејскиот музеј во Брисел... Притоа, едно од најважните барања е рутинско собирање, анализирање и меморирање лични податоци, без оглед дали станува збор за телекомуникациски, за банкарски податоци или пак за податоци за патници во авионите. САД, на пример, ги собираат податоците на сите трансатлантски патници, односно луѓето кои во земјата доаѓаат од ЕУ. Меѓу податоците кои се собираат се и името, адресата и бројот на кредитната картичка.

Повеќето европски министри за внатрешни работи радо би вовеле систем на податоци за патниците во воздушниот сообраќај и кога станува збор за летови во Европа. Но, Европскиот парламент тоа досега го спречуваше поради стравувањата околу заштитата на податоците. Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие по атентатите во Париз веќе нема разбирање за отпорот. По средбата во Париз во неделата (12.01) тој изјави: „Оној кој одбива европски закон за податоците на патниците во воздушниот сообраќај, тој не знае што бара овој момент.“

Напади и покрај надзорот

Критичарите забележуваат дека француските власти ги имале сите релевантни информации за атентаторите, а сепак не ги спречиле нападите. Либералите и Зелените во Европскиот парламент се жалат и дека државите членки сега ги користат нападите во Париз за да се обидат да „протнат“ поостри закони кои во нормални услови не би имале шанси да се донесат.

Германскиот европратеник од редовите на Зелените и експерт за заштита на податоци Јан-Филип Албрехт се сомнева дека „масовен надзор без повод е соодветно средство за спречување вакви дела“. Тој за агенцијата АФП изјави дека повеќе смисла би имала подобра соработка на полициските и судските власти во ЕУ.

Павлов рефлекс

Сличен е ставот и на либералите во ЕП. Шефот на пратеничката група Ги Ферхофштат на интернет страницата на пратеничката група пишува дека барањето за поголемо собирање податоци е „Павлов рефлекс“ на државите членки на ЕУ. Наспроти тоа, подобра размена на информации е „одамна неопходна“. Додека од граѓаните се собираат се‘ повеќе податоци, размената на информации каска. „Мора да ја одбраниме нашата слобода од терористите кои сакаат да ја уништат, но слободата мора да ја браниме и од ’гризењето’ одвнатре’, напиша Белгиецот. Софи ин’т Велд, надлежна за темата податоци на патници во авионите во пратеничката група на либералите, бара: „Нема нови овластувања без нова заштита на податоците.“

Attentäter des Anschlags auf Charlie Hebdo in Paris
Атентаторите од Париз им беа познати на безбедносните службиФотографија: Getty Images

Отпорот во ЕП преовладува, но ставот сепак не се единствен сосема. Германската пратеничка од ЦСУ во ЕП, Моника Холмајер, за ВДР изјави: „Во Европа не можеме да провериме кои рути ги избираат атентаторите или најтешките криминалци.“ Заштитата на податоци, според нејзе, не смее да стане заштита на криминалците. „На органите за кривично гонење мора да им овозможиме легални методи за спречување тешки злосторства и за нивно разјаснување подоцна“, смета Холмајер.

Контроли во Шенгенскиот простор

Особена опасност претставуваат повратниците од Сирија и Ирак кои се подготвени на насилство. Европол проценува дека околу 3000 граѓани на ЕУ се бореле или се борат за терористичката милиција „Исламска држава“. Постои загриженост дека тие по враќањето во Европа тие ќе вршат напади на европска почва. Тајните служби нив ги имаат особено во фокусот. Полицијата и службите за заштита на границите на земјите членки веќе сега имаат пристап до „Шенгенскиот систем на информации“ во ЕУ кога се во потрага по џихадисти или кога истите треба да бидат спречени да отпатуваат во Сирија или Ирак. Министрите за внатрешни работи сакаат во овој систем на информации во иднина постојано да биде забележувано кога осомничен исламист со државјанство на некоја од земјите на ЕУ ќе се врати во Европа од некоја држава како што е Сирија. Треба да се подобри и соработката со транзитни земји, како што е Турција.

Islamischer Staat Fahne
Повеќе илјади исламисти од ЕУ се бореле или се борат во Сирија и ИракФотографија: picture alliance / AP Photo

Шпанскиот министер за внатрешни работи Хорхе Фернандез Дијаз меѓутоа сака повторно воведување на одредени контроли и во рамките на Шенгенскиот простор. Тој за дневниот весник „Ел Паис“ оцени дека е проблем што стотици милитантни исламисти можат слободно да се движат во Шенгенскиот простор. Делови од Шенгенскиот договор би морало евентуално да се променат, но „тоа не смее да влијае врз слободата не движење“, рече Фернандез Дијаз.

Заштита на личните податоци наспроти безбедноста - стара политичко-општествена дебата, во која некогаш преовладува мислењето на едните, некогаш на другите. Во моментов на заштитниците на личните податоци не им е лесно против политичарите задолжени за безбедносни прашања.