1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авторитарната влада го загрозува курсот кон ЕУ

З. Јордановски4 март 2015

Интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО е загрозена поради авторитарниот курс на Владата, вели за ДВ Клаус Бремих, пратеник на ЦДУ, кој присуствуваше на денешната седница во Бундестагот за Македонија

https://p.dw.com/p/1El0c
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг денеска зад затворени врати расправаше за политичката криза во Македонија. Пратеникот на владејачката конзервативна ЦДУ во германскиот Бундестаг Клаус Бремих во разговор за ДВ ги пренесува своите и оценките изнесени на денешната седница за состојбата во земјата.

ДВ: Како ја проценувате актуелната состојба во Македонија? Какви сознанија беа презентирани на денешната седница на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг?

Бремих: Според она што го гледам и според презентираните извештаи политичката состојба во Македонија станува се понепрегледна и растечки нестабилна. Актуелниот развој, како што се конфликтите меѓу владата и опозицијата, проблематичните меѓуетнички односи меѓу Македонците и Албанците, намалувањето на слободата на печатот, даваат причина за голема загриженост. Притоа, кај нас постојано доаѓаат извештаи за силно корумпирани структури. Овие сознанија беа презентирани и на денешната седница на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот“.

Deutsch-Griechishes Tourismusforum
Клаус БремихФотографија: DW

ДВ: Дали е според вас загрозена и ЕУ перспективата на земјата или ваквиот развој е последица на закочените процеси поради грчкото вето? Доколку сега се најде брзо решение дали тоа ќе и даде поттик на натамошната демократизација на земјата?

Бремих: Како што реков и погоре, авторитарниот курс на Владата ја загрозува интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО. ЕУ извештаите за напредокот на Македонија во моментот не констатираат зрелост за пристап. Внатрешно-политичките реформи и враќањето кон процесот на демократизација се највисок приоритет за земјата.

Обединетите нации со години се обидуваат да посредуваат во спорот за името со Грција. Лично не сум присуствувал на разговорите, но многу големо прашање е дали двете страни воопшто се подготвени за компромис. Се чини дека фронтовите овде се многу зацврстени.

ДВ: Дали Македонија воопшто може со сопствени сили да најде излез од кризата? Кој може да помогне?

Бремих: Излезот мора првенствено да биде посакуван внатрешно-политички во Македонија. Според мене, новиот политички поредок во регионот може да се воспостави мирно и успешно само доколку постои тесна поврзаност со европските структури.