1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загрозено е членството на Косово во Советот на Европа

Анила Шука
17 мај 2024

Додека Советот на Европа ја прославува својата 75-та годишница, членството на Косово останува неизвесно. Имено, клучни држави како Франција, Германија и Италија го кочат членството заради нерешениот спор со Србија.

https://p.dw.com/p/4fv8h
Улична сцена во центарот на Приштина, главниот град на Косово, кое прогласи независност во 2008 година
Улична сцена во центарот на Приштина, главниот град на Косово, кое прогласи независност во 2008 годинаФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Пред еден месец приемот на Косово во Советот на Европа, најголемото меѓувладино европско тело за човекови права, се чинеше на дофат на рака. Импресивно мнозинство до 82 проценти на претставниците во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур изгласаа прием на најмладата европска држава како 47-ма членка. Одлуката уследи по препорака на поранешната  грчка министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, која претходно ја испитуваше погодноста на Косово за членство. Но, и покрај јасното гласање, Косово сега не е на дневниот ред на годишниот Совет на министрите за надворешни работи. Клучните земји како Франција, Италија, Германија и т.н. „петорка“ особено кочат. Државите од петорката, меѓу кои се САД и Велика Британија, веќе долго посредуваат во спорот меѓу Србија и Косово

Причината поради која Косово за сега веројатно нема да стане членка на Советот на Европа е во контроверзната точка за т.н. дијалог за нормализација меѓу Србија и Косово. Тој дијалог своевремено го иницираше ЕУ и се води под нејзина закрила, но веќе подолго тука нема никаков напредок. Една од спорните точки е формирањето на Заедница на српски општини на Косово, која би ги претставувала сите Срби. Косовските власти се плашат дека таа би можела да стане еден вид држава во државата. Алудирајќи на Република Српска во Бих, на Косово се зборува за опасност од „боснизација“ на Косово, односно трајна парализа и поделба на земјата.

Само мал чекор?

Меѓутоа, Германија и другите држави од петорката очекуваат „опиплив напредок во создавање на заедници со српско мнозинство", се вели во одговорот од германската влада на прашање од ДВ. Конкретно, Косово би требало да го проследи соодветниот нацрт до Уставниот суд на земјата за да се испита неговата усогласеност со Уставот. „Недостига само мал чекор за Косово да го зголеми бројот на согласните за влез во Советот на Европа", рече портпаролот на владата во Берлин. Меѓутоа Косово го одбива таквиот чекор.

Косовскиот премиер, Албин Курти
Косовскиот премиер, Албин КуртиФотографија: Armend Nimani/AFP

Премиерот Курти истакнува дека тоа не е услов за членство во Советот на Европа. Прашањето за заедницата на општини е дел од дијалогот за нормализација на односите со Србија, кој се одвива под покровителство на ЕУ и во таа рамка би требало да се преговара понатаму. Сè друго би го загрозило дијалогот, вели Курти за ДВ. 

Агресивна кампања на Србија

Франк Швабе, шефот на германското претставништво во Советот на Европа, смета дека „е погрешно да се пробува сега на мала врата да се постигнат цели кои не се постигнале во преговорите меѓу Косово и Србија". Други експерти пак сметаат дека Заедницата на српски општини не може да се формира и затоа што со градоначалниците на тие општини се управува од Белград. "Не постои согласност на самите вклучени општини. Без тоа, создавањето на заедница на општините би било нелегитимно и во спротивност со Уставот на Косово и статутите на Советот на Европа", посочува Гералд Кнаус од Иницијативата за европска стабилност. Кнаус исто така нагласува дека таквото барање на државите од „Петката“ е успех на агресивната кампања на српскиот претседател Вучиќ, кој со години активно се обидува да го спречи членството на Косово во меѓународните организации.

Гералд Кнаус, социолог, истражувач за миграција и претседател на Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ)
Гералд Кнаус, социолог, истражувач за миграција и претседател на Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ)Фотографија: Dominik Butzmann/photothek/picture alliance

Вучиќ пред тоа успеа да го спречи членството на Косово во Интерпол и Унеско. Оливер Ролофс, експерт за безбедност и поранешен координатор на Минхенската безбедносна конференција, исто така го критикува толку големото влијание на Србија на политиката на ЕУ спрема Косово, дотолку повеќе што Белград има посилни односи со Русија и Кина, отколку со самата ЕУ. „Агресивната политика на Србија, која ја поддржува Русија, доведува до ескалација на тензиите на Косово и во БиХ. ЕУ и САД до сега на ова одговараа помирливо, што ја влошува ситуацијата. ЕУ и допушта на Србија, кандидатка за членство, да ја влече за нос, наместо да повлече јасна црвена линија", анализира Ролофс.

Слонот во собата

Косово, покрај Белорусија и Русија, е единствената европска држава која не е членка на Советот на Европа, при што Русија исклучувањето до Советот го избегна со тоа што самата се повлече во 2022 година. За Косово членството во една од најстарите и најважните меѓународни организации во Европа би претставувало натамошен чекор кон зацврстување на својата позиција во меѓународната заедница. До денес Косово, кое во 2008 прогласи независност, официјално го признаа 116 земји, вклучително и 34 во Советот на Европа. Од друга страна ни пет земји од ЕУ не ја признаваат косовската независност. Франк Швабе смета дека членството би донело предности и за малцинствата во земјата, вклучително и Србите, кои како што појаснува тој во случај на нужда би можеле заради повреда на своите права да тужат пред Европскиот суд за човекови права, чии одлуки се обврзувачки за државите членки.

Социологот Артан Мухаџири
Социологот Артан МухаџириФотографија: Privat

На Косово премиерот Албин Курти го фалат заради неговиот остар став, но многу аналитичари сметаат дека би било подобро да има повеќе прагматичност. Сега е неизвесно дали поддршката во Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Косово и следната година ќе биде толку силна, вели за ДВ Артан Мухаџири, политички аналитичар од Приштина. „Ригорозното одбивање на Курти би можело да има негативно влијание врз односите со ЕУ и земјите од петорката. А, парадоксот е дека проблемот со членство и натаму ќе биде слонот во собата. Константното избегнување на решавањето на проблемот само ќе донесе натамошни блокади“, оценува Мухаџири.